Адвокатско друштво Пепељугоски: Индикатори за заштита на правата на интелектуална сопственост за 2021

Светската Организација за Интелектуална Сопственост (СОИС) ги објави индикаторите за заштитата на интелектуалната сопственост за 2022 година (World Intellectual Property Indicators 2022). Во извештајот се поместени статистиките на националните канцеларии за заштита на правата на интелектуална (индустриска) сопственост и е направена поделба на трговски марки, патенти, индустриски дизајни, ознаки на потекло и географски ознаки, како и преглед на другите права.

Со оглед на фактот дека Адвокатското друштво Пепељугоски е специјализирано за работење во областа на правото на интелектуална сопственост (авторско право и право на индустриска сопственост), за блогот на АХК, ги поканивме експертите на друштвото предводени од д-р Валентин Пепељугоски да направат краток преглед на најзначајните точки од извештајот и како оваа проблематика се гледа од аспект на позначајните индустрии и економии во светот.

Позитивен заклучок од извештајот е дека во 2021 година се бележи пораст на потребата од заштита на правата од интелектуална сопственост во светски рамки, која следи по стагнацијата во претходните години погодени од кризата со КОВИД-19, смета д-р Валентин Пепељугоски и тимот.

Па така, забележан е пораст од 3.6% во патентните пријави од претходните години, а во Азија како континент се алоцирани 67.6% од бројот на пријави во светот. Извештајот забележува тренд на опаѓање во областа на патентното право во САД (-1.2%), Јапонија (-1.7%)  и Германија (-3.9%) во 2021 година. Најголем број на пријави има во областа на електричните апарати, аудиo-визуелните технологии и телекомуникациите што укажува на континуирана модернизација и експанзија на новите технологии.

Во однос на трговските марки, речиси сите држави бележат пораст во 2021 година, со избројани 13.9 милиони нови трговски марки и пораст од 5.5.%. Овој пораст се должи на зголемување на претприемништвото пост КОВИД -19 пандемијата и дисторзиите кои истата ги направи на пазарот. Најзастапени класи на производи и услуги се оние од областа на здравството, истражување и развој на технологии и земјоделие.

Индустрискиот дизајн бележат пораст од 9.2% и оваа тенденција е повторно најприсутна во Азија. Индустриските дизајни кои биле пријавени во 2021 година се во класите на опремување, пакување, опрема за снимање и апарати за осветлување.

Новина во извештајот е статистиката за креативните индустрии која бележи секојдневен пораст особено од почетокот на пандемијата. Оваа статистика го анализира авторското право и сродните права, со особен фокус на филмските дела и издавачките дела.Во листата на 20 држави каде постои најголема свест за потребата од правна заштита на правата од интелектуална сопственост се наоѓаат: Кина, САД, Јапонија, Кореа, Германија, Франција, Италија, Обединетото Кралство.

За жал компаративни податоци за Република Северна Македонија не се достапни, од причина што истите не се објавени на веб страната на Државниот завод за индустриска сопственост.

Нашето искуство како Адвокатско друштво специјализирано за работење во областа на правото на интелектуална сопственост покажува дека и во Македонија се зголемува интересот за заштитата на правата од индустриската сопственост. Паралелно, сведоци сме на постојан пораст на свеста на чинителите во креативните индустрии за заштита на авторското право и сродните права, што говори дека Република Северна Македонија е во чекор со светските трендови, заклучува д-р Пепељугоски.

0 Shares:
You May Also Like
Read More

Property One Furniture

Дозволете Molto Luce да го трансформира вашиот простор во елегантен и функционален амбиент, креирајќи пријатна атмосфера што ќе…