Нови насоки на Европската комисија во областа на правото на конкуренција и хоризонталните договори

На 1 јуни 2023 година Европската комисија (ЕК) усвои нови правила од областа на правото на конкуренција, кои ќе ги регулираат договорите за соработка меѓу конкурентите во области како што се истражување и развој, производство, купување и стандардизација низ ЕУ. Ревидираните правила имаат за цел да обезбедат појасни и ажурирани насоки што ја одразуваат неодамнешната судска пракса, за да им помогнат на бизнисите да ја проценат компатибилноста на нивните договори со правото на конкруенција на Европската Унија.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Северна Македонија при оценување на усогласеноста на субјектите со Законот за заштита на конкуренцијата и санкционирање на анти-компетитивните однесувања на пазарот, често пати се повикува на европската регулатива, но и на праксата во ЕК, сметајќи дека компаниите треба да се запознаат со новините кои се содржани во ревидираните прописи за групни изземања кај хоризонталните договори кои стапуваат на сила од 1 јули 2023 година.“, вели д-р Ана Пепељугоска, адвокат-партнер во Адвокатско друштво „Пепељугоски“.

Д-р Пепељугоска истакнува, од искуството со клиентите на Друштвото, дека компаниите кои сакаат да склучат договори за соработка, честопати мора да се потпрат на овие насоки за да се самооценат и да утврдат дали нивниот договор може да предизвика проблем од областа на правото на конкуренција. Оттука, целта на новите упатства е токму да обезбедуваат поопширни насоки од претходната верзија и да содржат бројни примери кои ќе помогнат во таа проценка.

Главните измени на правилата за хоризонтални договори се однесуваат на договорите за истржување и развој, договорите за специјализација, договорите за заедничко купување, договорите за комерцијализација, размената на информации, клаузулите за стандардизација и општите услови на договорите, и договорите за одржливост.

„Во однос на договорите за истражување и развој и договорите за специјализација, појаснет е статусот на конкурентите во поглед на иновациите, како и ситуациите кога договорот за истражување и развој значително би ја ограничил конкуренцијата во иновациите. Дополнително, ставен е акцент на дефинирање на поддоговорните активности меѓу конкурентите, кои не се ограничени на оние кои имаат за цел да го  да го прошират производството.“, вели д-р Пепељугоска.

Новини има и во насоките за договорите за споделување на мобилни телекомуникациски мрежи. Станува збор за договори според кои операторите на мобилните телекомуникациски мрежи го споделуваат користењето на делови од нивната мрежна инфраструктура, оперативните трошоци и трошоците за последователни надградби и одржување.

„Во поглед на договорите за заедничко купување, направено е проширување за да се објасни разликата помеѓу куповните картели и договорите за заедничко купување, и случаите кога договорите за заедничко купување може да предизвикаат штета на добавувачите. Според мене, интересно е да се напомене дека, кај договорите за стандардизација се прави јасна дистинкција во кои случаи одреден стандард (пр. ИСО) може да доведе до ограничување на конкуренцијата, а во кои случаи барањето на таков стандард е оправдано.“, смета д-р Пепељугоска.

Потребата за регулирање на договорите за одржливост е направена на база на препораките на Обединетите нации и го следи глобалниот тренд во овој поглед, а дадени се и јасни насоки во однос на оценувањето на овие договори од аспект на правото на конкуренција. Во поглед на размената на информациите, направена е попрецизна дистинкција помеѓу јавно достапни информации, информации кои може да се споделуваат помеѓу конкурентите, и сензитивни информации кои би можеле да имаат анти-конкурентски последици.

0 Shares:
You May Also Like
Read More

ДХЛ анкета за онлајн купувачи: 95% од онлајн купувачите го откажуваат купувањето ако нивната посакувана опција за испорака не е достапна

DHL e-Commerce го објави своето прво глобално истражување за онлајн купувачи кое ги покрива главните глобални пазари во…