Катарина Николов, ФОРТОНМКА: Создаваме влијание низ активно учество во најзначајните проекти кои го обликуваат пазарот на недвижности

Како менаџер и лидер во ФОРТОНМКА уште од самите почетоци, како вашите претходни искуства го обликуваа пристапот што го имате како партнер и извршен директор имајќи предвид дека вие лично бевте дел од секој чекор во градењето на пазарот на малопродажба во Македонија?

Учев од најдобрите. Искуството кое го стекнав во ФОРТОНМКА произлегува од еден интензивен период и работа на различни проекти, со колеги од кои можев да научам многу. Моето искуство на управување со трговски центри во Скопје и Софија значително влијаеше на начинот на моето работење и пристапот кон ангажманите. И ден денес се обидувам да се потпрам на искуството кое го имам стекнато, но и да го применам наученото што сите овие години со мене го споделуваа моите колеги, партнери, пријатели од индустријата и сите оние со кои имав можност да разменам знаења. Верувам во знаењето, но и во посветеноста и индивидуалниот пристап кон секој клиент и проект што ми овозможи да изградам и одржам доверба со нашите клиенти, за да компанијата се позиционира цврсто и сигурно во својата област.
Одраз на сево ова се успешните проекти во нашето портфолио.

Што сè ФОРТОНМКА овозможува за своите клиенти?

Поставување на еден успешен проект од замисла до реализација. Комуникацијата е секогаш двонасочна, слушаме, анализираме, даваме насоки, испорачуваме услуга и на крај секако, евалуираме. Градиме силни врски кои се темелат, но и одржуваат врз основа на доверба.
Како илустрација, процесот започнува со истражување на пазарот, финансиска анализа за исплатливост, евалуација на ризиците, парични текови, вклучување во процесот на обезбедување финансии и кредитирање, проектирање, следење на развојот, оптимизирање на сите аспекти, маркетинг, комерцијализација (изнајмување) на проектот, а завршува со отворање, поточно комплетна реализација на проектот.
За горенаведените активности даваме мислење и решение кое е најсоодветно во дадениот социо-економски контекст. При тоа го максимизираме профитот на инвеститорите, во рамки на проекти кои создаваат додадени вредности во специфичното опкружување.
ФОРТОНМКА е партнер на Cushman & Wakefield, една од најголемите советодавни компании во светот.

Како докторанд на Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дали вашите истражувања влијаат на стратешкото планирање во ФОРТОНМКА?

Истражувањата секако, но пред сè комуникацијата и можноста за постојано учење се најголемата мотивација. Нештата изгледаат поинаку кога се пренесува развиена и структурирана архитектонска мисла, без разлика дали од докторандите или професорите. Можам да кажам дека докторатот е една област каде се натпреварувам сама со себе, која на интуитивно ниво има смисла, но на практично ниво нема. При тоа мислам на тоа дека моите професионални ангажмани толку ме окупираат (свесно и доброволно), што честопати таа интуитивна потреба морам со насочено внимание да ја извлечам и исто така да ја освестам за да стане реалност.

Од позиција на искусен менаџер во секторот, како ја коментирате моменталната ситуација и перспективите на домашниот пазар за недвижности? Фокусот постојано го ставаме на пазарот за станови, но што се случува на полето на останатиот комерцијален простор, кои моменти според вас треба да се издвојат?

Честопати нагласувам дека пазарот во Македонија е во многу рана фаза на развој. Иако навидум изгледа дека многу се гради, се поставува прашањето дале тоа сѐ уште не е доволно организирано или планирано. Секогаш предност е имплементирање на стандарди по кои работат странските компании, а ФОРТОНМКА цели кон испорака на квалитет во сферата на комерцијалниот недвижен имот.
Становите се одлично позициониран и префериран модел на инвестиција, со поддршка од банките и за инвеститорите и за купувачите. Можеме многу да зборуваме за пазарот на станбен простор, но непобитен факт е дека пазарот е пред сè одраз на побарувачката. Понудата веќе извесен период ја следи таа побарувачка. Сè додека балансот функционира, имаме стабилен пазар.
Секако, предност секогаш ќе имаат добро осмислените и структурирани проекти, кои нудат додадени вредности на идните корисници.
Во однос на бизнис зградите, со оглед на тоа дека во А класа проектите неизнајмениот простор е под 10%, допрва очекувам големи промени.
Развојот на логистичките паркови – еден сегмент кој е голем предизвик, зависи во голема мера од фактори како што се инфраструктурата, поврзаноста, пристапноста во градовите, каде што треба и голема помош од институциите.
Ако во Скопје е исполнет капацитетот за трговски центри, во останатите градови дури сега се развиваат малопродажни концепти кои комплетно ќе го променат пазарот во наредните пет години.
Потоа изградба на индустриски објекти, хотелски капацитети, или земјишта за инвестиции во проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори – сите овие се релевантни гранки со засебен тек на развој. Во сите овие сегменти ФОРТОНМКА е активен учесник, двигател и предводник во промените.

Што ви е најголем предизвик во работата, каде наоѓате инспирација и што ве мотивира најмногу?
Јас сум перфекционист. Тоа понекогаш знае да ме стави под огромен притисок. Оваа особина си ја задржувам, без неа не би разговарале денес. Но, учам, во буквална смисла да кажам ОК (ако е тоа практично решение во одредени ситуации), а фокусираното внимание да го насочам каде што е потребно.
Сепак, ценам кога луѓето, а особено мојот тим обрнуваат внимание на деталите бидејќи тоа создава додадени вредности. Тоа значи внимание во комуникацијата, во обраќањето, во пишаното обраќање, чувство за тоа што е важно за соговорникот.
Најголема поддршка и инспирација наоѓам во моето семејство, секако. Тие ме потсетуваат дека сиот вложен напор вреди и сето вложено време ќе се исплати, бидејќи знам зошто го правам тоа. За мене, ваквата поддршка е бесценета. Вечна инспирација ми е и мојот покоен татко, човек што беше невидено посветен на работата.
Погледнувајќи во секојдневието, наоѓам инспирација и во сопственикот на ФОРТОНМКА – Влатко Богоевски. Заедно работиме од 2011 година. Ние сме сосема различни, ден и ноќ, но таа енергија во насоченост кон конкретни и јасни цели секогаш ме фасцинира.

Извор: ФОРТОНМКА

0 Shares:
You May Also Like
Read More

ДХЛ анкета за онлајн купувачи: 95% од онлајн купувачите го откажуваат купувањето ако нивната посакувана опција за испорака не е достапна

DHL e-Commerce го објави своето прво глобално истражување за онлајн купувачи кое ги покрива главните глобални пазари во…
Read More

Прва компанија во Македонија: Синцеритас АД Скопје се стекна со германски EU GMP сертификат – Производство на цвет и екстракт од канабис за големопродажба

Синцеритас АД Скопје е фармацевтска компанија чиј фокус на работење е култивирањето и производството на канабис за медицинска…